Иако кај пошироките маси не е многу познат, Thunderbolt интерфејсот за поврзување е многу користен кај професионалците, пред се поради ултра високите брзини на трансфер на податоците, кои се неколку пати повисоки во однос на USB 3.0 и 3.1 стандардите.
Третата генерација на Thunderbolt, зад која стои најголемиот производител на процесори во светот, Intel, ќе има проток на податоци од дури 40 Gbps и како конектор ќе го користи USB Type-C. Да, конечно, Thunderbolt ќе го има истиот конектор каков што ќе имаат и новите генерации на USB интерфејсот, што значи дека каблите ќе бидат скоро целосно исти, освен „громот“ испринтан на Thunderbolt каблите.
Секако, не секој уред со USB Type-C конектор ќе може да се поврзе преку Thunderbolt со друг уред, бидејќи за тоа е потребно самата порта да го поддржува стандардот, а и кабелот не е целосно ист, односно има повеќе точки на поврзување од USB 3.1. Сепак, со оглед на тоа што многу од компонентите ќе бидат подеднакви, би можел да очекуваме проширување на уредите кои ќе го користат Thunderbolt интерфејсот, особено лаптопите и десктоп компјутерите.
Thunderbolt 3 инаку ќе овозможи симултано поврзување на два 4K, односно Ultra HD монитори со фреквенција на сликата од 60 Hz, преку само еден кабел, а ќе овозможи и максимална моќност од 100 W за полнење, односно напојување на уредите, што е голем напредок во однос на USB интерфејсот, додека брзина ќе биде четири пати поголема.
Најинтересен новитет кај Thunderbolt 3 е веројатно можноста за поврзување со PCI-e слотовите кај десктоп и лаптоп компјутерите. Ова значи дека преку овој интерфејс, ќе можете лесно да поврзете надворешна графичка картичка на вашиот лаптоп, со цел високи перформанси доколку планирате долга гејмерска сесија.
Извор: Tech Radar, Gizmodo, The Verge