Фото: ABC

Извршниот директор на Apple, Тим Кук, стави крај на неодамнешните шпекулации кои кружеа низ технолошкиот свет дека наскоро ќе се повлече од својата позиција. Иако аналитичарите веќе почнаа да го кројат списокот на негови наследници, Кук јасно стави до знаење дека не планира да замине во пензија во блиска иднина.

За време на разговор објавен во утринската емисија „Good Morning America“ на ABC, запрашан за гласините според кои тој би можел да ја напушти компанијата веќе на почетокот на 2026 година, Кук децидно ги негираше таквите тврдења.

„Не, не сум го рекол тоа. Никогаш не сум го рекол. Длабоко го сакам она што го работам. Пред 28 години влегов во Apple и оттогаш го сакам секој поминат ден овде“, изјави 65-годишниот Кук. Тој додаде дека иако имале подеми и падови, луѓето со кои работи се неверојатни и го извлекуваат најдоброто од него, заклучувајќи дека едноставно „не може да си го замисли животот без Apple“.

Шпекулациите за пензионирањето на Кук не беа целосно неосновани. Изминатиов период Apple се соочи со турбуленции во извршниот тим, вклучувајќи го и неодамнешното заминување на неколку клучни фигури кон крајот на минатата година. Ова поттикна дебати меѓу инвеститорите дали оперативниот лидерски стил на Кук е вистинскиот за новата ера во која доминира вештачката интелигенција. 

И покрај тоа што Тим Кук останува на кормилото, внатрешни извори за медиумите претходно брифираа дека компанијата активно го подготвува неговиот наследник. Главен фаворит за следен извршен директор е Џон Тернус, вишиот потпретседател за хардверски инженеринг. Неодамна, Тернус доби проширена улога која вклучува и надзор над легендарниот дизајнерски тим на Apple, потег кој многумина го протолкуваа како јасен знак за негово позиционирање на лидерското столче во иднина.

Оваа јавна потврда од Кук доаѓа во критичен период за компанијата од Купертино. На 1 април 2026 година, Apple официјално ќе прослави половина век постоење.

Пред компанијата стои масивен циклус на нови производи. Оваа година се очекува дебито на долгоочекуваниот iPhone на преклоп, како и нови паметни очила поддржани од вештачка интелигенција, додека Apple истовремено се обидува да ја зацврсти својата ВИ стратегија преку продлабочување на партнерствата, како она со Google за користење на нивниот Gemini модел.

Целиот разговор во кој се говори на неколку теми, можете да го погледнете во продолжение.

Претходна статијаApple ја пушти првата „Background Security Improvements” надградба
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.