
Уште од август минатата година можевме да прочитаме дека SpaceX ќе бидат тие кои ќе ги вратат двајцата американски астронаути кои требаше да останат на Меѓународната Вселенска Станица само една недела. Нивниот престој беше продолжен поради големиот ризик да се вратат со Starliner леталото од Boeing кое ги донесе до станицата, па истото беше вратено празно.
Астронаутите на NASA Суни Вилијамс и Буч Вилмор останаа скоро една година на МВС, а таму им помагаа во работата на другите астронаути кои имаа подолга мисија.
Тие ќе се вратат назад на Земјата најверојатно во текот на утрешниот ден или во среда, а ќе им се приклучи и рускиот астронаут Александар Горбунов.
Мисијата која беше лансирана во текот на вчерашниот ден не е специјално направена за враќање на астронаутите, односно истата беше искористена за испраќање на нова група астронаути.
Новата група е составена од астронаутите од NASA Ен Меклејн, Никол Ајерс, астронаутот од JAXAТакуја Ониши, како и астронаутот од Roscosmos Кирил Песков.
На Меѓународната Вселенска Станица тие беа пречекани од астронаутите Ник Хејг, Дон Петит, Суни Вилијамс, Буч Вилмор, Александар Горбунос, Алексеј Овчинин и Иван Вагнер.
NASA најави пренос во живо на враќањето на капсулата од SpaceX, а времето ќе биде точно утврдено зависно од временските услови, но засега тоа се очекува дека ќе биде во наредните два дена.