Една од поголемите функционалности кои ги очекувавме за Creators Update беше можноста контактите со кои најчесто контактирате да можете да ги ставите на таскбарот. Иако тоа не се случи во таа надградба, Microsoft скоро сигурно го планира за наредната голема надградба на Windows 10 – My People е веќе достапен во Insider верзијата 16184.

My People е прилично интересна опција. Едноставно, таа ќе ви овозможи да го ставите било кој контакт на вашиот таскбар и сам со притискање на него, ќе добиете неколку различни опции, како на пример да му пратите мејл или пак да го исконтактирате преку Skype.

Засега не се најавува поддршка од останатите сервиси, како на пример Messenger или Viber, но очекувам тоа да биде едно од главните побарувања на преку 10 милиони Insider корисници кои веќе ја тестираат оваа можност. Секако, за тоа ќе треба и дивелоперите да направат промени во своите апликации, нешто што во Windows светот оди малку побавно.

Доколку и вие сакате го пробате ова на вашиот компјутер, ќе треба да станете Insider (доколку веќе не сте) и тоа на Fast Ring. Секако, мора да бидете подготвени и на помалку стабилен Windows 10 – ова се верзии кои константно се доработуваат и често имаат многу багови кои се средуваат дури кога ќе дојде финалната верзија.

Покрај My People, новата Windows 10 Insider Preview Build 16184 верзија донесува и подобрувања за корисниците на Gmail и Google Calendar. Имено, во Outlook апликацијата, електронските писма од Gmail ќе се прикажуваат во Focuse Inbox, додека Calendar ќе прикажува резервации за летови и информација за пратки. Ова се опции кои се веќе достапни во Outlook.com и Office 365.

Извор: The Verge, PC World, Windows Central

Претходна статијаGoogle и Huawei лансираат помоќен конкурент на Raspberry Pi
Следна статијаSamsung Z4 е првиот смартфон со Tizen 3.0