Microsoft минатиот месец најави дека моменталната верзија од Windows 10, поточно 22H2, ќе биде и последната од овој оперативен систем. Тој веќе нема да добива нови функции, па до крајот на поддршката во 2025, ќе бидат пуштани само безбедносни надградби и исправки на грешки.
Идниот месец ќе заврши поддршката за претходната верзија, односно 21H2, па корисниците ќе бидат автоматски надградени на најновата. Ова е логично кога ќе се земе во предвид дека Windows 10 останува само со таа една верзија, па корисниците е најдобро да бидат на истата.
Верзиите кои имаат истечена поддршка веќе не добиваат никакви надградби, па потенцијално се во ризик од одредени безбедносни проблеми.
Автоматската надградба ќе биде направена на компјутерите од приватните корисници и бизнис корисниците кои не ги менаџираат компјутерите на вработените. За останатите, процесот на надградба останува ист.
Не е дадена точна дата кога би почнала надградбата на компјутерите, но може да се очекува од идниот месец, кога истекнува и верзијата 21H2.