Фото: Shutterstock.com

Microsoft оваа година можно е повторно да почне да дозволува корисниците да не се најавуваат со нивната Microsoft сметка при инсталацијата на Windows 11, односно процесот на прилагодување на новата инсталација. 

Со оваа промена, корисниците ќе можат да креираат само локална сметка, нешто што порано беше нормална практика, а уште е на Linux и macOS. 

Најавата доаѓа од страна на Скот Ханселман, Потпретседател во Microsoft и член на техничкиот персонал. Тој одговори на коментар од корисник на X, на објава од Ханселман за новите промени кои може да се очекуваат оваа година кај Windows 11, а кои се можеби најдобрите досега, барем после повеќе години. 

На прашањето дали „Нема ништо за тргањето на барањето за најава со Microsoft онлајн сметка само за да се користи компјутерот…?“, Ханселман кратко одговори, „Да, го мразам тоа. Работиме на тоа“.

Од овој краток одговор секако не може да се заклучи што точно може да се очекува, како и кога може да се очекува нешто ново на овој план, но очигледно ќе биде направена некаква измена. 

Иако Microsoft уште од почетокот на Windows 11 ги насочуваат корисниците да се најават со нивната сметка, од минатата година од компанија целосно го тргнаа изборот во овој дел.  

Корисниците почнаа да користат повеќе решенија за заобиколување на оваа ситуација, но од Microsoft дури почнаа да ги откриваат и блокираат таквите решенија. 

Се надеваме дека оваа година, покрај намалувањето на наметнување на ВИ и другите промени, ќе го видиме и враќањето на можноста да се користи компјутерот без онлајн сметка.