Фото: Shutterstock.com

Microsoft изгледа го менува својот курс кога станува збор за агресивната имплементација на вештачката интелигенција во Windows 11, нешто за кое доби не така мал број на критики.

Според најновите информации, компанијата тивко ги има откажано плановите за интегрирање на асистентот Copilot во центарот за известувања и апликацијата за поставки, односно Settings. Овој потег претставува значајно отстапување од првичната визија на компанијата, која предвидуваше Copilot да биде сеприсутен дигитален придружник длабоко вкоренет во секој сегмент од корисничкото искуство.

Првично, идејата беше Copilot да може директно да ги анализира и сумира известувањата на корисниците, како и да овозможи брзо менување на системските поставки преку едноставни текстуални команди. Сепак, најновите потези покажуваат дека овие амбициозни функции се целосно напуштени или одложени.

Оваа промена на стратегијата доаѓа како директен одговор на повратните информации од корисниците и критиките во технолошката јавност. Голем дел од заедницата изрази незадоволство од прекумерното форсирање на функции базирани на вештачка интелигенција, карактеризирајќи ја ваквата интеграција како непотребен товар кој го комплицира секојдневното работење и го оптоварува интерфејсот. 

Со повлекувањето на овие планови за длабока интеграција, Microsoft покажува дека е подготвен да ги слуша своите корисници и да понуди почист оперативен систем, каде вештачката интелигенција претставува корисна алатка, а не наметната обврска.

За корисниците на Windows 11, овој развој на настаните значи задржување на традиционалното и познато корисничко искуство. Вештачката интелигенција останува важен дел од екосистемот на Microsoft, но не нејзиното присуство ќе биде многу подискретно од првично најавеното. 

Ова секако не значи дека Windows 11 нема да има функции со вештачка интелигенција, но дел од нив ќе бидат одложени, додека дел од нив ќе бидат посуптилно интегрирани без форсирање на Copilot брендот.