Од неколку објави и видеа од страна на Microsoft можевме да заклучиме нешто што веќе ни беше јасно изминатите неколку години следејќи ја компанијата. Иднината на Windws е вештачката интелигенција, а корисниците се помалку ќе ги користат „старите“ глувче и тастатура за интеракција со нивниот компјутер.
Дека Windows се движи во овој правец можевме да видиме и директно од главниот за развој на системот и уредите во Microsoft, Паван Давулури, преку неговата објава на X, a не беа големо изненадување големиот број на негативни реакции од страна на корисниците, посебно понапредните кои го користат системот за работа.
Како дел од најновата Insider Preview верзија во Dev и Beta каналите, верзијата 26220.7262, Windows 11 ги доби и првите тест функции кои го носат оперативниот систем кон најавената иднина.
Оваа верзија од Windows 11 донесува нова можност во Settings која може да се вклучи и е наречена „Experimental agentic features“, односно експериментални агентски функции.
Во основа, вклучувањето на оваа функција овозможува оперативниот систем да биде контролиран од страна на агентите со вештачка интелигенција, а тие ќе можат да направат повеќе активности за корисникот, како што се организација на датотеки, закажување на состаноци, испраќање на пораки и доста повеќе.
Microsoft, во објавата каде ја објаснува оваа новина, посебно истакнува дека истата корисникот сам ја вклучува и има целосна контрола над привилегиите кои и ги дава.
Едноставно кажано, иднината на Windows подразбира можност голем дел од активностите корисниците да ги остават на вештачката интелигенција, а тие со тоа ќе можат да се насочат кон активностите кои им се навистина важни, како што истакнуваат од Microsoft.













































