Фото: Microsoft

Крајот на официјалната поддршка од Microsoft за Windows 10 е закажан за 14 октомври 2025 година. Тоа значи дека остануваат уште година дена додека овој систем, кој веќе не добива нови функции, престане да добива и безбедносни надградби. 

Проблемот со ова е што година дена не е толку долг период за да повеќето корисници на Windows 10 се префрлат на Windows 11 или барем на некој друг оперативен систем.

Според статистиките, Windows 10 има дупло поголем пазарен удел од Windows 11, што значи дека не се работи за нешто помал дел од упорни и верни корисници на постариот систем, туку за огромна бројка на приватни и бизнис корисници. 

Постојат две причини зошто Windows 10 се’ уште држи толку голем дел од пазарот. Едната е што доста голем дел од корисниците не се баш задоволни од Windows 11, па не се ретки ситуациите и на враќање на постарата верзија од Windows после надградба. 

Втората причина доаѓа од Microsoft и барањата кои ги поставија за Windows 11. Со овие барања огромен број на уреди кои се способни да го пуштат Windows 11 без проблем се означени како некомпатибилни поради барањата од компанијата за TPM 2.0 и одредени процесори. 

Корисниците, а овој пат и приватните, ќе можат да доплатат за дополнителни три години на поддршка по октомври 2025 за Windows 10, а тоа ќе ги чини бизнисите скоро 500 долари за тие три години. Цената која ќе треба да ја платат приватните корисници се’ уште не е објавена, па може ќе биде и нешто пониска, но дефинитивно не верувам дека некој ќе се реши да ја плати. 

Користењето на истечена верзија од Windows не е само безбедносен ризик за корисникот. Со тек на време ќе стане проблем и од аспект на достапни апликации, како што се интернет прелистувачите, проблем за инсталирање на „драјвери“ и слично. 

Претходна статијаAmazon претстави нови генерации од нивните Kindle уреди заедно со првиот Kindle со екран во боја
Следна статијаСподелувањето на Instagram профилот стана полесно и поинтересно со новите профилни картички
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.