Постарите верзии од Windows имаа поддршка за „виџети“ кои едно време беа и доста популарни. Денес истите може да се додадат преку посебни апликации, но поради тоа што не се дел од оперативниот систем, многу мал број на корисници се решаваат за нивно посебно додавање.
Можеби до некаде затоа што „живите плочки“ во Старт менито никогаш не ја добија саканата популарност, а и не добија некои нови можности, враќањето на некаква поддршка за виџети би била повеќе корисна опција за корисниците.
Според информациите, Microsoft работи на додавање на виџети во Microsoft Edge прелистувачот, кои ќе може да се постават на десктоп-от и да се користат и кога е исклучен Edge.

Ова во основа не е ништо ново како можност, Chromium прелистувачите како Edge, овозможуваат да веб и PWA апликациите функционираат независно од главниот екран на прелистувачот, па во основа се сведува до креирање на апликации во форма на виџети.
Како и да е, дефинитивно корисен додаток кој во овој момент е во тест фаза и има поддршка само за најновите вести од MSN и временската прогноза, исто како и додатокот на таскбар-от кој ќе стане достапен на Windows 10 оваа година.
Претпоставката е дека доколку оваа функција биде додадена во Edge, ќе може да се очекуваат повеќе виџети, како од Microsoft, така и од други програмери.