На настанот кој Apple го одржа вчера вечер беа претставени неколку нови уреди, а еден од поинтересните беше новата генерација од iPad Air. Главната новина која е дел од овој таблет е М1 чипот од компанијата, со што од аспект на перформанси, нема конкуренција на пазарот за овој формат на уреди.
М1 чипот е истиот којшто од компанијата го користат кај нивните понови MacBook Air и Pro модели, како и кај iMac, што значи дека новиот iPad Air ќе дојде со перформанси кои ќе им конкурираат на десктоп компјутерите.
Чипот има 8 јадрен процесор со две јадра наменети за поголеми перформанси, а останатите шест за заштеда на енергија при нормално користење. Графичкиот процесор исто така има шест јадра, а тука е и шеснаесет јадрениот процесор за машинско учење.
Од Apple истакнуваат дека со овој чип, новиот iPad Air е за 60% побрз од претходната генерација, а кога е во прашање графичкиот процесор, разликата е дупла.
Со овој чип, овој таблет компјутер може да се користи за повеќе од само разгледување на друштвените мрежи, гледање слики, читање и гледање на видео. Корисниците ќе можат да го користат и за 3Д моделирање, измена на видео содржина и слично.
Од компанијата посебно ја истакнуваат и новата камера на предната страна која доаѓа со сензор од 12 мегапиксели. Оваа камера е со ултра широк агол и доаѓа со поддршка за Center Stage функцијата. Оваа функција ја приближува сликата до говорникот за време на видео повици, „се движи“ доколку корисникот ја промени позицијата, а исто така се прилагодува ако повеќе луѓе се приклучат на разговорот пред камерата.

Поддршка за 5G мрежите е уште една новина која е дел од iPad Air, а Apple точно одредија кога ќе стане потребно да нивните уреди ја имаат ваквата поддршка. Со тоа корисниците добиваат и можност за побрз интернет пристап, а тоа е важно посебно за поголеми градови.
Како и досега, екранот на iPad Air е со големина од 10,9 инчи и има резолуција од 2360 на 1640 пиксели и нивна густина од 264 пиксели на инч. Екранот е направен со LED технологија, за жал не со OLED или барем mini LED, а има и поддршка за True Tone функцијата, 500 nits светлина и слој против отсјај.
iPad Air доаѓа со поддршка за електронско пенкалце, како и посебна тастатура како додаток.
Почетната цена по која Apple ќе го продава овој нов iPad Air е 599 долари, но тоа обично кај нас се претвора во неколку илјади денари повисока цена.