Откако Google Meet бизнис сервисот стана достапен и за „обичните“ корисниците, од компанијата изгледа навистина сакаат да го популаризираат и да се користи од што повеќе корисници. Google Meet е интегриран во Gmail сервисот преку веб, а сега истата интеграција доаѓа и на мобилните апликации од Gmail на Android и iOS.
Начинот на функционирање е едноставен, а корисниците се што треба е да го притиснат линкот кој го имаат добиено во порака преку Gmail апликацијата, по што повикот ќе се отвори директно во оваа апликација, наместо во Meet апликацијата.
Јасно е дека од Google сакаат да им овозможат и на тие кои ја немаат инсталирано Meet апликацијата да се приклучат на разговорите, а тоа секако може да придонесе кон користење на сервисот почесто кај повеќе корисници.
За неделите што следат Gmail апликациите ќе добијат и посебна лента за Google Meet преку која ќе може да ги гледаат закажаните конференции, да креираат нови, да добијат линк за нивно споделување и слично. За тие кои не би сакале да ја гледаат оваа лента, истата ќе може да се исклучи.
