На почетокот од месецот Netflix објави дека постигнале договор за купување на познатите Warner Bros.Discovery за 82,7 милијарди долари, од кои повеќето во кеш, а дел во форма на акции од компанијата.
Од друга страна, Paramount исто така одреден период се обидуваат да ја купат Warner Bros.Discovery, па повторно дадоа понуда, овој пат директно кон акционерите во обид за, како што се истакнува, непријателско преземање на компанијата.
Понудата од страна на Paramount изнесува 108,4 милијарди долари, што е повеќе од таа од Netflix, а исто така е целосно во кеш и се однесува на целата компанија, а не само за филмските студија и канали, и HBO Max сервисот, каква што е понудата од Netflix.

Ова изгледа како едноставна одлука, па би очекувале дека акционерите би се одлучиле да ги продадат своите акции на понудувачот кој им нуди повеќе пари, но сепак работите не се баш така едноставни.
Одборот на директори на Warner Bros.Discovery едногласно донесоа препорака до акционерите да ја одбијат понудата од Paramount и да ги продадат своите акции на Netflix.
Тие сметаат дека понудата од Netflix е супериорна и им донесува поголема сигурност на акционерите.
Како главна причина за овој став е несигурноста во можноста да се исплатат парите од понудата од страна на Paramount, која е составена и од неколку странски фондови. Сопствениците на компанијата, семејството Елисон, иако твдат дека ќе застанат финансиски зад понудата, од Warner Bros.Discovery веруваат дека тоа не е така.
Целата објава од страна на одборот на директори на Warner Bros.Discovery може да се прочита тука, а со изјава излегоа и од Netflix.











































