Ако некој се сомневаше кој е патот по кој ќе оди Apple, еве и официјален доказ – главното внимание ќе се вложува во iOS оперативниот систем, кој во соработка со Cisco, ќе почне да се шири и во бизнис светот.
Идејата секако не е iOS да ги замени „вистинските“ оперативни системи, како Mac OS X, односно Windows 10. Наместо тоа, со iOS ќе може да се искористи целосниот потенцијал на преносните уреди, со различни бизнис решенија кои ќе им помогнат на вработените во бизнис сферата за да бидат попродуктивни.
Партнерството со Cisco, кој е водечки во светот на мрежното поврзување, значи дека решенијата ќе бидат базирани на “Cloud”, односно на ставање на податоците на големи сервери. Ова ќе овозможи многу брз пристап до сите податоци и датотеки во компанијата, на уреди како iPad, кои вработените можат цело време да ги имаат со нив.
Apple досега веќе соработува со неколку компании со цел да се прошири во бизнис светот. Идејата е веројатно да се зголеми присуството на iPad таблетите, кои последниве години паѓаат во продажба на пазарот, заедно со сите таблет компјутери.
Исто така, ваквиот развој на настаните ќе биде одлична подлога за лансирањето на iPad Pro, кој веќе го очекуваме повеќе од една година, а кој ќе донесе многу поголем екран (12,9 инчи) и зголемена продуктивност, со многу подобро решен мултитаскинг.