Apple, како најуспешен производител на паметни телефони, секако дека нема да остави на Samsung и LG, односно Android производителите да се сами во лансирањето на смартфон со дисплеј кој ќе може да се превитка. Имено, според нови информации, тие исто така работат на ваков уред и веќе имаат и одобрен патент за производот, што значи дека и тие сигурно ќе лансираат свитлив смартфон во иднина.

Слики од патентот сѐ уште нема, односно засега само знаеме дека е одобрен, а имаме и некои информации. Според нив, телефонот ќе може да се превитка во две насоки – целосно затворен кога екраните се свртени еден према друг и целосно отворен, кога екраните ќе бидат свртени спротивно еден на друг. Секако, уредот ќе може да се користи и како своевиден таблет, кога екраните ќе бидат еден до друг, односно ќе оформат еден поголем дисплеј.

Ова е многу слична идеја на таа што ја имаат останатите производители – телефон кој ќе може да се користи и како таблет. Сепак, освен OLED екраните кои можат да се свиткаат, останатите компоненти кај смартфоните сѐ уште не се еластични, а тоа особено важи за батеријата. Сепак, доколку тие би се извеле во два различни делови, односно во едниот да биде батеријата а во другиот матичната плоча со компонентите, тогаш ваквите уреди би биле изводливи.

Според информациите од патентот на Apple, тие работат на аморфен материјал и метал со „меморија на облик“, кои ќе бидат доволно еластични за да поднесат повеќе виткања, но тоа ќе важи само за матичната плоча и чиповите – батеријата и натаму ќе биде цврста. Како и да е, сигурен сум дека концепти од овие типови на смартфони ќе видиме во наредните две до три години и очекувајте дека ќе има неколку различни концепти и размислувања за тоа кое е идеалното решение, особено од големите играчи.

Извор: Mashable, Fast Company, The Next Web

Претходна статијаИзлезе HDMI 2.1, ќе поддржува 10K резолуција и 4K на 120 Hz
Следна статијаFacebook може да побара слика за да докажеме дека не сме ботови