Дека добар бренд скапо чини, најдобар доказ е Porsche, кој буквално продава запалки по цена од скоро 100 долари. Оние што следат подлабоко, знаат дека германскиот производител на спортски автомобили досега има лансирано и неколку мобилни телефони и тоа најчесто во соработка со BlackBerry, исто како и најновиот модел, кој ќе го чини купувачот три iPhone-и.
Како и секогаш, во случајот со BlackBerry Porsche P9983, спецификациите заостануваат зад најдобрите модели во тоа време, па така, се работи за паметен телефон со големина на екранот од само 3,1 инчи со резолуција од 720х720 пиксели, QWERTY тастатура, 64 GB простор за складирање податоци, 2 GB рам меморија и неколку години стар процесор, Snapdragon S4 Pro со две јадра и брзина од 1,5 GHz. Оперативниот систем е најновата верзија на BlackBerry OS 10.
Но, кај овој паметен телефон перформансите се ставени на второ ниво. Најважен е изгледот, односно користените материјали. А бидејќи се работи за Porsche, изработката е скоро филигранска. Така, позади телефонот е целосно опшиен со квалитетна кожа, рамката е изработена од високо квалитетен челик покриен со темно стакло, како и копчиња кои имитираат стакло. И нормално, дизајн кој ќе ве одвои од толпата, како и посебен пин за користење на BBM сервисот на Blackberry за кратки пораки, со префикс 2AA. За пријателите на корисникот на телефонот да знаат дека поседува Porsche дизајн.
Многумина ќе помислат дека е вистинска глупост да се дадат 1650 евра за паметен телефон со антички спецификации, но во светот на високиот бизнис многу е важен изгледот и имиџот кој го носи уредот. А за да се покаже статус, подобар геџет од некој дизајниран од Porsche, веројатно нема! И нормално, во свет во кој сите имаат iPhone или Samsung Galaxy S, препознатливоста, различноста и персоналноста која ја носи еден ваков уред, секогаш ќе биде на цена.