Минатата недела можевме да прочитаме за најавата од страна на Минг-Чи Куо за повторната соработка помеѓу Apple и Intel во областа на чиповите. За разлика од порано, оваа соработка би вклучувала само производство на чиповите кои ги дизајнираат од Apple, конкретно за помал дел од нив кои се користат кај основниот MacBook Pro, како и кај iPad Pro.
Ова на Apple би им ја намалило до некаде зависноста од TSMC, кои важат за најдобри на пазарот, а исто така би донело поени кај администрацијата на Трамп која бара од компаниите да го зголемат домашното производство.
Сега според информации од друга страна, конкретно аналитичарот Џеф Пу, Apple нешто слично планира да направи и за чиповите кои ги користи кај iPhone.
Повторно се работи за „основните“ модели, односно во случајот со iPhone, А чиповите кои се користат кај основниот модел од телефон, како и кај „e“ моделот.
Информациите од Пу говорат дека Apple планира дел од производството на овие чипови да го префрли кај Intel почнувајќи од 2028, што е една година подоцна од најавата за М чиповите.
Доколку овие информации се покажат како точни, Apple и понатаму најголемиот дел од производството ќе го прави кај TSMC, а само помал дел ќе го префрли во САД, односно во Intel и тоа само за „најслабите“ верзии од чиповите.











































