Она кое веќе многумина и го очекуваа, Microsoft и официјално го потврди – нивниот мобилен еко систем Windows 10 Mobile, барем годинава ќе добие многу помало внимание од компанијата.
Секако, ова не значи дека нема да има паметни телефони со Windows 10 Mobile – неколку производители веќе се приклучија на овој еко систем, меѓу кои Alcatel и HP. Сепак, фокусот на Microsoft оваа година ќе биде насочен кон десктоп и Xbox страната на Windows 10, како и кон развојот на вештачката интелигенција и Holo Lens.
Но, вљубеници во Windows Phone не очајувајте – Тери Маерсон сепак вети дека уредите со помал дисплеј ќе бидат во фокус, но тоа нема да се случи оваа година: „Ќе направиме многу кул работи со телефоните, па иако оваа година тие се важен дел од фамилијата, не се на врвот на стрелата.“
Поточно, според нив, Windows 10 Mobile годинава нема да биде фокусот за привлекувањето на дивелопери, што е според мене и вистинска одлука – Microsoft веќе посвети повеќе од 5 години во натпреварување со Android и iOS и бидејќи тоа не им успеа, време е за друга стратегија, односно за користење на силните адути на Microsoft – компјутерите и Xbox.
Microsoft сега треба да игра на пазарот со таблетите, лаптопите и компјутерите, каде Windows 10 е супер успешен. Впрочем, истото го изјави и Маерсон, кој дополни: „Ако сакате да стигнете до повеќе Windows корисници, најголемата база е кај уредите со големина на дисплејот од 9 до 30 инчи. Ако сакате нови и возбудливи работи, тогаш треба да дискутираме за Xbox и Holo Lens.“
Дали ова ќе значи дека Microsoft нема да го лансира долго очекуваниот Surface Phone годинава? Многу е возможно, иако има многу факти кои посочуваат на тоа. Но и тоа сигурно ќе се разбистри во наредниве неколку месеци.
Извор: The Verge, Windows Central, TechSpot