samsung-galaxy-on (1)

Најголемиот производител на паметни телефони во светот, Samsung, спрема два нови атрактивни модели за индискиот и кинескиот пазар, кои со дизајнот многу наликуваат на Galaxy S и Note сериите од претходната генерација, а имаат и ниска цена и солидни спецификации.

И двата телефони, кои протекоа на официјалниот сајт на Samsung во Индија, делуваат прилично атрактивно, со многу мала рамка околу екранот напред, тенко куќиште и поклопец од (лажна) кожа назад, што прави да делуваат како прилично сериозни уреди и покрај тоа што цената им е исклучително ниска – 150 долари за помалиот, односно 200 долари за поголемиот модел.

samsung-galaxy-on (3)

Помалиот од нив, Galaxy On 5, има 5 инчен HD екран со резолуција од 1280х720 пиксели и Exynos     3475 чип со четири ARM Cortex A7 јадра на 1,3 GHz и Mali-T720 графичка, помогнат од 1,5 GB рам меморија и 8 GB простор за складирање податоци, со можност за проширување преку micro SD картичка. On 5 е опремен со задна камера со 8 и предна со 5 мегапиксели. Батеријата има солиден капацитет од 2600 mAh, што е веројатно и повеќе од доволно за телефон со вакви спецификации.

Поголемиот модел, Galaxy On 7, има 5,5 инчен дисплеј со истата HD резолуција, чип со четири јадра кои работат на 1,2 GHz, но со понова ARM Cortex A53 архитектура и е исто така помогнат од 1,5 GB рам меморија и 8 GB простор за складирање податоци, со можност за проширување преку micro SD картичка. И камерите ќе бидат подеднакви како кај помалиот модел, додека батеријата има 3000 mAh капацитет.

samsung-galaxy-on (2)

И двата модели ќе имаат вграден Android Lollipop оперативен систем, а треба многу брзо да почнат со продажба во Кина, а потоа и во Индија. Како и со многу телефони наменети за Далечниот Исток, не би требало да очекуваме да пристигнат и кај нас, иако со оглед на тоа што имаат да го понудат, со сигурност би биле исклучително успешни.

Извор: GSM Arena

Претходна статијаMicrosoft лансира поевтин Surface Book со посебна графичка
Следна статијаHTC One A9 ќе добива многу брзи надградби на нови верзии на Android