На веќе традиционалниот Samsung Unpacked настан, којшто беше најавен за денес, Samsung ги претстави новите предводници во класата Galaxy S7 и Galaxy S7 Edge.
Како и обично, огромниот број на неофицијални информации на овој настан ќе бидат потврдени или побиени, а искуството покажало дека резултатот на крај е нешто во средина.
Главните карактеристики кои беа истакнати на настанот за новите модели се отпорност на вода, слот за micro SD картичка, always-on екран, помали батерии за добар капацитет, Vulkan API за подобра графика кај игрите, подобрена камера со акцент на можноста за слики во услови со слаба осветленост.
Инаку, Galaxy S7-ците како што се очекуваше доаѓаат со Snapdragon 820 чипсет, а во одредени региони во светот стандардно Exynos чип. Екраните се со големина од 5,1 и 5,5 инчи, а вклучуваат и Quad HD висока резолуција.
Главната новина кај екраните е вклучување на можност за константна вклученост на делови од екранот, како кај Lumia моделите, со што се добиваат информации без голема потрошувачка на енергија и без потреба од отклучување на екранот.
Двата модела ќе работат на 4G RAM меморија, што слободно може да се каже дека веќе во џебовите не носиме мобилни телефони, туку цели компјутери. За работата на хардверот ќе се погрижат батерии со капацитет од 3.000 и 3.600 mAh.
Повеќе информации и детали околу новите модели од Samsung ќе можете да прочитате во текот на утрешниот ден.