Во март оваа година, OnePlus потврди дека работат на развој на уред на преклоп и го најавија истиот за подоцна во годината. Неофицијалните информации говорат дека претставувањето може да се очекува во август, па веќе и не сме толку далеку од настанот.
Познатиот OnLeaks во соработка со Smartprix, објавија слики кои наводно се од OnePlus Fold или OnePlus V Fold, како што можеби ќе биде името на овој уред.
Од сликите гледаме дека се работи, како што и очекуваме, за уред кој е во стилот на Galaxy Z Fold, односно Pixel Fold. Овие уреди се смартфони кои се претвораат во мали таблет компјутери, односно се преклопуваат по висината, наместо по ширината како „флип“ телефоните.

Иако не може многу повеќе да се види од сликите, тоа што можеме да го заклучиме е дека уредот ќе има формат кој ќе им овозможи на корисниците да го користат како класичен смартфон кога е затворен, нешто што е доста важно за доброто искуство со ваквите уреди.
Кога е отворен од сликите се добива впечаток дека уредот ќе има доста мали рамки околу екранот, правец во кој воопшто не отидоа од Google со нивниот Pixel Fold кој им прилично големи рамки, споредливи со тие од поголемите таблет компјутери.

Друго што посебно се истакнува е големиот модул за камерите на задната страна, карактеристичен за OnePlus, заедно со Hasselblad ознаката, исто така типично за оваа компанија изминатиот период.
Овој уред треба да се спореди и со Find N од Oppo, а досега се веруваше дека тој ќе изгледа скоро исто како уредот од компанијата мајка на OnePlus.