Доколку имате во план да го купите новиот лаптоп/таблет хибрид на Microsoft, Surface Book, треба да знаете дека поправката, или пак дури и менувањето на една рам плочка или батерија, ќе мора да го направите во специјализиран сервис.
Момците од iFixit го растурија новиот лаптоп на Microsoft, како што тоа го прават со скоро сите други мобилни уреди и таблети и му дадоа оценка за поправка „единица“ од можни 10, што е и донекаде очекувано – скоро сите компоненти се во таблетот. Ова значи дека не треба ни да помислите сами да го поправате доколку има некој проблем.
Прво, процедурата за отворање на таблетот и на базата (тастатурата) е исклучително тешка и осетлива и за тоа ќе ви треба посебен алат. Првиот дел на видик е SSD дискот, кој интересно може да се смени, доколку сакате во иднина да ставите некој поголем. Сепак, процесорот и рам меморијата се залемени на матичната плоча, што значи дека може да се променат само со специјална опрема, а исто така и батеријата и дисплејот се залепени со многу силен лепак. Истото важи и за компонентите во долниот дел.
Всушност, освен SSD дискот, во новиот Surface Book нема да може сами да промените ништо друго, освен ако немате големо искуство со залемување на ситни компоненти на сложена матична плоча. Ако планирате да го купите, прво распрашајте се за добар сервис во нашава земја и во никој случај не планирајте во иднина да го надградите со повеќе рам меморија, како што можете да направите со повеќето лаптопи.
Интересно, на истото отворање на Surface Pro 4 од iFixit, поевтиниот таблет/лаптоп хибрид на Microsoft доби оценка „двојка“, со скоро истите проблеми при отворањето.