Ако имате впечаток дека денешниот интернет пејзаж е испреплетен налик на бесконечните конекции произведени од мозочните неврони, замислете си како истиот ќе изгледа во иднината. Секојдневно сме сведоци на нови изуми кои зачудуваат со нивната иновативност и покажуваат дека потенцијалот за технолошки напредок е далеку од исцрпен. Само пред неколку денови, Елон Маск ги претстави новите модели на целосно електричните возила од производителот “Tesla Motors”, опремени со интелигентен систем за безбедност наречен Autopilot, кој автономно презема постапки соодветни на неговата околина со цел овозможување безбеден превоз за патниците. Самиот Маск неодамна се произнесе дека за 5 до 6 години очекува развој на технологијата до тој степен што ќе биде можно да бидат произведени за комерцијална употреба целосно автономни, т.е. самоуправувачки возила.
Се попривлечна е и идејата за „паметни“ домови. Неколку компании веќе почнаа да се натпреваруваат во производство и развој на целосно „конектирани“ места за живеење. Како лидер во оваа област се наметнува Wink, старт-ап фирма од Њу Јорк која успеа да ги поттикне Phillips и други големи компании да соработуваат со нив во создавање на производи компатибилни со новата генерација на паметни домови и преку кои ќе можете да манипулирате и целосно да го контролирате вашето домашно опкружување преку мобилен или таблет уред. Овој инфографик ни презентира визија за тоа како се очекува да изгледаат нашите домови во 2025 година, при што истите ќе бидат способни да комуницираат со т.н. „wearable” уреди, како на пример паметните часовници, очила (пр. Google Glass), фитнес тракери и сл.
Но, паметните домови се само почеток на нешто поголемо и повозбудливо. Во иднина паметните домови ќе можат да комуницираат со други такви домови, што пак ќе резултира во појава на паметни населби, а следствено на тоа и паметни градови и општества.
Можеби се чини дека ваквата визија за иднината е далечна, но имајте на ум дека живееме во време во кое технолошките изуми се во експоненцијален раст, а во некои земји иднината пристига порано отколку во некои други земји. Најочигледен пример за постоење на „паметен“ град е градот Сонгдо во Јужна Кореја, кој се очекува да биде дом на над 200 илјади жители до 2018 година. Масдар е друг таков град. Додека Масдар е базиран на екологија и обновлива енергија, Сонгдо е олицетворение на поимот „internet of things“ и таму градежната инфраструктура (патишта, згради итн.) како и сите електронски направи ќе бидат опремени со безжични сензори или микрочипови, способни да комуницираат еден со друг. Зачудува фактот што само пред 12 години, Сонгдо не беше ништо повеќе од водена површина пространа на Жолтото море. Денес, Сонгдо е град каде што навистина, се е „поврзано“.

Секој поголем технолошки исчекор длабоко го променил човечкото општество – така и спознаваме дека е голем, дури и ако не го реализираме истото во тоа време. Се наоѓаме на прагот на огромна синергија помеѓу човековите суштества, нивните умови и иновациите произведени од тие умови. Некои луѓе веќе гледаат нагоре, кон Марс. Едно е сигурно, иднината е поблизу отколку што сметаме дека навистина е.
Извор: Big Data Startups