Фото: TP-Link

Познатата компанија за мрежна опрема, TP-Link, објави дека успешно имаат демонстрирано Wi-Fi 8 конекција преку прототип уреди развиени во соработка со нивните партнери. 

Има уште доста време додека овој нареден Wi-Fi стандард биде официјално претставен, а не е толку одамна кога беше претставена претходната генерација. Почетокот на достапноста на нови уреди со Wi-Fi 8 се очекуваат некаде од 2028 година, па засега ги гледаме само почетоците кои ни откриваат што можеме да очекуваме. 

За разлика од Wi-Fi 7, наредната генерација како главна цел ќе ја има стабилноста на поврзаните уреди, како и можноста за поврзување на уште повеќе уреди во исто време, а и на поголема оддалеченост. 

Со оглед на одличните брзини достапни со претходната генерација, добро е што Wi-Fi 8 ќе се концентрира на донесување на останатите доста корисни карактеристики кои на корисниците реално ќе им донесат некаква вредност.

Стандардот на Wi-Fi 8 ја носи ознаката 802.11bn, а од TP-Link најавуваат донесување на помала „латенција“ низ домовите, постабилна конекција, подобра покриеност за оддалечени уреди, како и доста подобри перформанси на секој поврзан уред. 

Сето ова се најавува дека ќе донесе подобри видео повици без познатите проблеми, стриминг на 4К и 8К содржина, „гејминг“ без „лаг“, помалку „мртви точки“ на поврзаност, помалку прекини и слично.