Концептот на Thunderbolt поврзување е надградба на оние кои ги имаме денес. Се работи за протокол и хардверски решенија кои овозможуваат огромен проток на информации. Оригинално замислен како оптичка врска, во соработка меѓу Apple и Intel беше развиен на „стандардната“ база од бакар бидејќи беше утврдено дека може да го издржи протокот од 10 ГБити по канал.
Првите верзии на Thunderbolt работеа на MiniDisplayPort, но последната (3) верзија работи на USB-C портата. Ова е значајно подобрување бидејќи USB-C веројатно ќе стане де факто стандард во блиска иднина за вакви примени, а се работи за поврзувач кој може да се вметне во било која насока (слично како Lightning поврзувачот на Apple).
Користејќи ја комбинацијата на овие две технологии Intel и Inventec демонстрираа нов надворешен уред кој во себе вклучува моќна графичка карта. Во уредот има AMD Radeon R9 M385 графичка карта, но дополнително има 3 USB порти, две HDMI порти, две DisplayPort-и, надворешен приклучок за аудио, Ethernet порта и уште една USB 3.1/Thunderbolt тип-C порта ако сакате да поврзувате уште такви уреди во низа.
Уредот без проблеми се врзува на лаптоп кој ја има потребната USB-C порта и сервира графички приказ на два дополнителни монитори со значително подобрување на графичките перформанси дури и на слаби лаптопи. Со ваквиот развиток во иднината можеби ќе дојде време кога ќе купуваме просечни лаптопи, и дополнителни надворешни графички единици на кои ќе можеме да им докупиме нова графичка карта. Со тоа ќе си ги освежуваме нашите уреди без да мора да ги купиме на ново. Истото важи и за напредни аудио уреди, па и за било која друга компонента која обично се менува (на пример, RAM или SSD меморија).