Зачувавте некоја пара на страна и барате добра опција да ги вложите во нешто што ќе ви врати назад, по можност да има и способност за уништување планети. Нормално, ви текна да ги вложите парите во „Ѕвезда на смртта“ за да му помогнете на Дарт Вејдар со астмата и секојдневниот семеен стрес (како секој тинејџер, неговиот син не е баш послушен кон татка си).
Па, колку пари ќе се доволно за градење на едно такво планетоуништувачко чудовиште? Околу 852 квадрилиони долари, пресметано со цената од 2012 година. Пред да помислите да ги убедувате пријателите да вложат во идејата, само да ве известиме дека тоа е околу 13.000 пати повеќе од целиот светски БДП.
Сепак, според Ким Неергард, главниот на Канцеларијата за напредни концепти за мисии при Европската вселенска агенција, вакво нешто е изведливо на „малку“ подруг начин. Начинот кој тој го предлага е наоѓање на астероид и негово постапно претворање во „Ѕвезда на смртта“ или барем помала нејзина варијанта.
„Ѕвездата“ би можела да биде изградена и од алуминиум, но тоа ќе ја направи подложна на секакви напади и нема да има скоро никаква заштита од сончевата радијација. Можеби затоа војниците постојано трчаат во своите бели вселенски одела низ неа.
Од друга страна, Рел Алејн, професор по физика на Универзитетот од Југоисточна Луизијана, смета дека заштита од сончевото зрачење би се обезбедила со вода која би била поставена на надворешните ѕидови од „Ѕвездата“. Тој исто така ја предложува нуклеарната фузија како најдобар извор за енергија.
Сепак, не се знае дали овој извор ќе биде доволен за снабдување на планетарниот „топач“ кој постоеше во оригиналната „Ѕвезда“. За да се стопи планета како Земјата потребни се 225,000,000,000,000,000,000,000,000,000,000 џули енергија, а за Јупитер околу 10.000 пати повеќе. И да не заборавиме: за да се исчисти еднаш годишно ќе бидат потребни 48 милиони луѓе за кои ќе треба да се обезбеди плата од 723 милијарди долари по минималната плата од САД.
Веруваме дека цената да се изведе ваков потфат е стотици илјади пати помала од таа за решавање на проблемите со светската сиромаштија, војни, храна, трговија со луѓе и дроги и слично, но не би се изненадиле ако светските сили решат да градат нешто слично место да ги решаваат овие проблеми. Од друга страна, можеби кинезите ќе создадат 15 пати поевтина „Звезда на смртта“ и ќе ја продаваат на AliExpress за некоја година, како што тргнале…