Во веста која опасно се доближува да ја добие наградата за најбескорисен „изум“ за 2015 година американскиот производител на облека Joe’s Jeans направи нова серија на фармерки кои имаат полнач за iPhone.
Фармерките имаат и специјален џеб на задниот дел наменет за сместување на телефонот. Во нив има приклучок кој пак е врзан со пакување со батерија која ќе ви овозможи екстра енергија за вашиот iPhone. Полнежот не е импресивен бидејќи се работи за капацитет да се наполни iPhone 5 и 5s до 85% и iPhone 6 до 70%. Поддршка за iPhone 6+ сеуште нема.
Како и да е, серијалот на фармерки е направен од стандарден тип на фармерки кои имаат и различни модели, со различна боја и изглед. Пакувањето со батерија не е бесплатно и не доаѓа со фармерките, па ќе треба да се одвоите од дополнителни 49 долари за да го купите. Ако не го земете ќе имате само облека која има специјален џеб за носење на вашиот iPhone.
По некое размислување ние се` уште не можеме да ја сфатиме употребната вредност на фармерките на Joe’s Jeans, ниту пак посебноста да се дадат дури 189 долари за истите, имајќи предвид дека за далеку помала цена можат да се купат фармерки по истиот или подобар квалитет. Веруваме дека нивните корисници ќе ја пронајдат употребната вредност и ќе се пофалат дека ги купиле за да можат да си го чуваат својот љубимец во посебен џеб.