Surface серијата на таблети со тастатура е исклучително успешна, што секако ги натера Microsoft да продолжат да иновираат во сегментот на хардверски компоненти. Најнова иновација е специјална тастатура, која има посебен екран на допир, а ќе биде наменета за некој иден таблет.
Идејата е многу од командите да му бидат инстантно достапни на корисникот, без да има потреба да ја крене раката од тастатурата. На малиот дисплеј може да се лансираат апликации, но исто така може да се користи и за многу други различни кратенки.
Скоро сигурно, можностите на оваа тастатура ќе им бидат достапни и на дивелоперите, што значи дека може да се очекуваат интересни можности. На пример, во многу програми, некои често користени опции можат да бидат ставени на дисплејот, како на пример палети во Photoshop и сл.
Исто така, на екранот може да се пишува и со дигитално пенкалце, што е многу поприродно отколку тоа да се прави на вертикално поставен екран. На пример, вака би можеле лесно да се потпишете на некои документи, односно да запишете некоја забелешка или потсетување.
Самиот дисплеј има резолуција од 1280х305 пиксели и е e-ink технологија. Изборот на ваков екран е логичен, бидејќи кога е статичен не троши воопшто енергија. Вака, тастатурата нема да мора да има посебен извор на енергија и ќе може да биде направена многу потенка.
Засега, оваа тастатура е концепт и се уште не е потврдено дали ќе влезе во производство, но би можеле да очекуваме да ја видиме во некоја идна верзија на иновативниот таблет Surface Pro на Microsoft.
Извор: Windows Central, Engadget