Microsoft Store, продавницата за апликации на Windows 10, не може ни приближно да се спореди со изборот и популарноста на Google Play Store или Apple App Store. Можеби тоа е причината што оваа нова можност се воведува дури сега, а истата и не е се’ уште официјално потврдено дали сепак ќе им биде достапна на сите.
Во основа се работи за можноста да апликациите од продавницата се инсталираат преку веб страната на продавницата, без потреба да се биде на уредот на којшто се планира инсталирањето. Сите најавени уреди со истата сметка ќе бидат прикажани во листа, па може да се избере апликацијата да биде инсталирана на конкретен уред, односно кога истиот ќе биде вклучен и најавен на истата сметка.
За таа цел, на корисниците не кои им е достапна оваа нова можност, поставено е ново копче со чие притискање се отвора листата на уреди на кои може да биде инсталирана апликацијата.

Како корисник на Android веќе подолго време ја користам оваа можност, а посебно за ситуации кога ќе видам некоја интересна апликација преку мојот десктоп компјутер. Наместо истата да ја барам преку Play Store, притискам да биде инсталирана на мојот мобилен телефон преку веб страната на десктоп компјутерот.
Во случајот со Windows 10, ова би било корисно за корисниците кои имаат повеќе од еден уред, со што може да инсталираат одредена апликација во моментот кога ќе ја откријат, односно не мора да чекаат да го вклучат конкретниот уред.