Од оваа недела достапна е нова верзија од Mozilla Firefox прелистувачот, како и секогаш за сите платформи. Со тоа Firefox за Windows, OS X, Linux и Android доаѓа до 43-та верзија, а истата донесува неколку интересни новости.
Првата и главната новост е што Firefox за Windows конечно доаѓа во 64-битна варијанта. Firefox 64-битната верзија ќе може да ја инсталираат сите корисниците на Windows 7 или понов.
Иако обичните корисници нема да забележат некоја посебна разлика во работата на прелистувачот, тој сега може да ја искористи архитектурата на процесорите која што веќе стандардно доаѓа со сите видови на уреди подолго време. Оваа верзија ќе овозможи и подобрување на стабилноста, безбедноста и слично.
Firefox 64-битната верзија може да се симне од истата локација како и досегашната верзија, односно на страната за симнување сега е додадена и втората можност.
Друга значајна промена е целосното воведување на барањето за потпишување на додатоците кои се инсталираат или се инсталирани на прелистувачот. Ваквата политика на Mozilla треба да овозможи поголема безбедност на додатоците кои што ќе може да се инсталираат само доколку се проверени од страна на организацијата.
Одредени додатоци кои што се инсталирани може да бидат блокирани и да не може да се користат. За тие од познатите развивачи може да се очекува брзо издавање на нова верзија, додека за одредени постари додатоци, тоа може никогаш да не се случи.
Доколку сепак мора да користите одреден додаток за кој што нема излезено нова потпишана верзија, има начин како да го исклучите новото правило. Тоа може да го направите на следниот начин:
about:config > xpinstall.signatures.required > false
Сепак, имајте во предвид дека оваа можност нема да биде достапна од наредната верзија на Firefox, па најдобро е уште сега да почнете да барате замена доколку додатокот кој што го користите гледате дека не добива нова и потпишана верзија.
Уште една новост која што доаѓа со Firefox 43 е можноста за добивање на предлози при пребарување од лентата за адреси. Ова досега беше можно само преку дедицираната лента за пребарување.
При внесување на пребарување во лентата за адреси, но не и при внесување на адреса или hostname, Firefox ќе ви понуди да ја вклучите новата функција и да почне да ви дава предлози. Се разбира доколку во иднина решите дека не сакате веќе да ја користите оваа функција, истата може да биде исклучена преку Options > Search.
Tracking Protection функција која што беше воведена од претходната верзија на Firefox, во новата верзија добива можност за блокирање на дополнителни тракери. Тоа значи дека повеќе елементи од веб страните ќе бидат блокирани, па иако вашата приватност ќе биде повеќе заштитена, одредени веб страни може да на функционираат како што треба.
Изборот на тоа дали сакате сите тракери да бидат блокирани може да направите преку Options > Privacy > Change Block List.
Целосната листа на промени во Firefox 43 можете да ја погледнете тука.
На Android листата на новости е нешто помала, односно се работи во главно за подобрување на перформансите и одредени функции на прелистувачот, меѓу кои:
- Можност за означување на прочитани/непрочитани на работите во листата за читање
- Индикатор за тоа од кој таб доаѓа звук во листата на табови
- Подобрување на одредени елементи од корисничкиот интерфејс
Целосната листа на промени можете да ја погледнете тука, а прелистувачот можете да го симнете од тука.