YouTube го претстави својот нов дизајн на мобилните и десктоп верзијата минатата година, а покрај промената на логото, како и одредени промени на поставеноста на листата со видеа и слично, оваа позната мрежа конечно доби и темна тема.

Меѓутоа, според Крис Петерсон од Mozilla, тоа не е се што добија корисниците со оваа нова верзија од YouTube. Според него, по претставувањето на новиот дизајн, YouTube се отвора до 5 пати побавно на Firefox и на Microsoft Edge, се разбира во споредба со Google Chrome.

Причината за ова се истакнува дека е во API алатката која се користи за новиот за новиот дизајн, која што е застарена и е имплементирана само уште во Google Chrome.

Поради тоа, можеби и вие имате забележано, YouTube страната побавно се отвора доколку не го користите Chrome, а ние тоа го имаме забележано најмногу при отворање на одредено видео, па елементите од страна околу видеото се отвораат покасно од самото видео.

Како решение на овој проблем Петерсон нуди додаток за Firefox којшто го враќа стариот дизајн на YouTube со што се враќа и брзината на отворањето на страната. Достапни се и уште неколку решенија, доколку сте спремни да не го користите новиот дизајн на страната.

Не е ретко да големите компании кои ги имаат едни од најмногу користените производи да се служат и со вакви „механизми“ со цел задржување на својата позиција, но и нејзино подобрување. Поради нешто слично Google минатата недела беше казнет од Европската Комисија рекордни 5 милијарди долари, поради нарушување на антимонополските правила на ЕУ.