Facebook оваа недела ги објави финансиските извештаи за работењето во третата четвртина од оваа година. Покрај одличните финансиски резултати, објавени беа и неколку статистики околу користењето на социјалната мрежа од страна на корисниците.
За првпат достигнатиот праг од 1 милијарда активни корисници во текот на еден ден пред одреден период, сега е веќе нормална работа за социјалната мрежа. Оваа бројка на активни корисници се достигнува скоро секој ден, односно претставува просечна бројка во деновите. Тоа значи дека иако во одредени денови бројката можеби не е достигната, истата се надминува во другите денови.
Бројката на месечни корисници на Facebook изнесува 1,55 милијарди, од кои што како што истакнавме 1 милијарда од нив ја користат оваа мрежа секој ден.
Кога ќе се погледнат овие бројки, за кои што сигурно никој не е изненаден, се гледа и причината за одличните финансиски резултати на компанијата која што продава реклами во целиот свет.
Уште една бројка беше истакната во извештајот која се однесува на прегледите на видео содржина. Како што имате и забележано, изминатиот период Facebook почна да дава поголемо значење на објавувањето на видео содржина на мрежата, наместо нејзино прикачување од друг извор. Ова, заедно со автоматското вклучување на видеата го направи своето, па од компанијата се пофалија дека корисниците прегледуваат повеќе од 8 милијарди видеа на ден.
Треба да се истакне дека сепак мерењето на прегледите на Facebook е нешто поразлично од YouTube, на пример, односно времето потребно на гледање на едно видео за да се смета за прегледано е значително помало. Кога на тоа ќе се додаде и автоматското вклучување на видеата, се гледа дека Facebook придава навистина големо значење на овој вид на содржина на својата мрежа.
Facebook изминатите неколку години работи на тоа да социјалната мрежа стане централно место за повеќето корисници. За разлика од порано, од компанијата сакаат оваа мрежа да се смета за централно место за повеќе активности, освен за порано најпопуларните објави на слики и неважни статуси.
Оваа социјална мрежа сега е сериозен извор на информации, новости, видео содржина, а како што стојат работите, важноста само ќе продолжи да се зголемува.
Извор: The Verge, The Verge 2