Фото: Apple

Apple денеска официјално го претстави iPhone 17e, најновиот и најпристапен уред во нивната линија на паметни телефони, со што започна и неделата во која од компанијата ќе претстават повеќе нови уреди.  

Телефонот доаѓа како директен наследник на минатогодишниот модел, нудејќи серија на клучни хардверски унапредувања кои го доближуваат до премиум сегментот, притоа задржувајќи ја истата почетна цена од 599 долари.

Во внатрешноста на iPhone 17e се наоѓа најновата генерација на процесорот A19, кој испорачува значително подобрени перформанси при секојдневното користење. Покрај новиот процесор, компанијата го имплементираше и својот најнов C1X мобилен модем. Овој чип нуди до два пати поголеми брзини на поврзување во споредба со модемот кој се користеше кај претходната генерација, обезбедувајќи постабилна и побрза мрежна конекција.

Фото: Apple

Еден од најзначајните додатоци кои ги немаше кај минатиот модел е целосната поддршка за MagSafe технологијата. Корисниците сега можат директно да ги користат придобивките од брзото магнетно безжично полнење и да ги користат огромниот екосистем на додатоци, како што се полначи, држачи и заштитни маски. 

Дополнително, Apple направи голем чекор напред зголемувајќи ја основната меморија на уредот. Новиот модел сега започнува со 256GB простор за складирање податоци, што е двојно повеќе во однос на почетната конфигурација од минатата година.

На полето на фотографијата, уредот е опремен со нова 48-мегапикселна Fusion камера која овозможува снимање на 4K Dolby Vision видеа и креирање на портрети од следната генерација. Овој систем поддржува и оптички квалитет на зумирање од 2x, што практично нуди флексибилност како телефонот да поседува два објективи. 

Предната страна ја краси 6.1-инчен Super Retina XDR екран кој сега е заштитен со Ceramic Shield 2 стакло. Оваа надградба нуди три пати поголема отпорност на гребнатини и значително намален отсјај во споредба со претходникот.

Новиот iPhone 17e ќе биде достапен во три бои со мат завршница, односно црна, бела и нова нежно розова нијанса.