Honda, заедно со General Motors и Cruise најавија дека планираат заеднички да започнат со сервис за превоз на патници со автономни возила во Токио. Овој сервис е планиран за почетокот на 2026, а трите компании идната година ќе формираат и посебна заедничка компанија која ќе го нуди сервисот.
Возилото кое ќе се користи за овој сервис нема да биде од Honda, па истото е заеднички развиено од страна на трите компании, на основа на возилата кои веќе ги има компанијата Cruise.
Ова е американска компанија која веќе има свои автономни возила кои функционираат во Сан Франциско.
Возилото кое ќе се користи во Токио е наречено Cruise Origin и е целосно автономно, односно нема седиште за возач и нема волан. Патниците во возилото седат свртени еден кон друг, а може да собере до шест од нив.

Сервисот се промовира како начин да се реши недостатокот на такси превозници во главниот град на Јапонија, а ќе биде наменет за бизнис корисници, семејства, туристи и слично.
За почеток се планирани повеќе десетици Cruise Origin возила, за потоа понудата да биде зголемена на 500. Во иднина се планира и проширување на локациите каде ќе бидат достапни овие возила.
Возилото Cruise Origin ќе биде изложено за првпат во Јапонија во рамките на JAPAN MOBILITY SHOW 2023 настанот кој ќе се одржи во Токио од 28 октомври до 5 ноември.