Фото: Shutterstock.com

Кинескиот „стартап“ DeepSeek беше формиран во 2023 година, но оваа година привлече посебно внимание кај повеќето во индустријата, односно кај компаниите кои работат со генеративна вештачка интелигенција. 

Причината за тоа е пуштањето на DeepSeek апликацијата која кратко кажано е конкурент на ChatGPT и сличните, а која работи на најновиот јазичен модел од компанијата, R1. Оваа апликација овој период е на врвот од продавниците за апликации, а реакциите се дека „четботот“ и јазичниот модел се на ниво, па дури често и на повисоко ниво од конкурентите како OpenAI o1 и сличните, односно најновите и најспособни модели од конкуренцијата. 

Ова само по себе би привлекло внимание, но не до овој степен. Целата „фама“ околу DeepSeek е што R1 го постигнува сето ова, но со многу помали ресурси и трошоци од конкуренцијата. 

Кога на тоа ќе се додаде дека една од причините за забраната за извоз на чипови во Кина е токму забавувањето на напредокот на земјата на овој план, контраефектот кој е постигнат не може да не се забележи. 

Според информациите, токму поради санкциите кон Кина, инженерите морале да се насочат кон развој на јазични модели кои не ја бараат компјутерската моќ која досега се веруваше дека е неопходна за функционирање на генеративната вештачка интелигенција. 

Од компанијата својот голем јазичен модел го имаат направенo со отворен код и секој може да го провери, а може и да се искористи за различни потреби. Студијата за DeepSeek-R1 е објавена на Arxiv и во истата се истакнати тврдењата за овој модел. 

Со DeepSeek R1 може да се каже дека паѓаат во вода трошоците кои ги имаат другите компании за тренирање на нивните модели, како и генерално за функционирање на „четбовите“. Додека останатите компании планираат десетици милијарди долари, DeepSeek го има постигнато своето ниво наводно со инвестиција од само 5,6 милиони долари. 

Ова посебно ќе ги загрижи Nvidia чии чипови и графички картички кои се специјално развиени за вештачката интелигенција, сега може да делуваат многу преценети. Акциите на компанијата веќе имаат пад на вредноста по известувањето на повеќето медиуми за новиот јазичен модел кој може да ги постигне потребните нивоа со само мал дел од трошоците и ресурсите кои ги користат другите, па дури и кинеските конкуренти. 

DeepSeek како „стартап“ започнува со работа во 2023 година и е основан од страна на Лианг Венфенг. 

ИЗВОРMIT Technology Review
ИЗВОР 2The Japan Times
Претходна статијаСпасеновски од „Макпетрол“ добро се претстави на Светската карате лига во Париз
Следна статијаНајавувањето со Microsoft сметка автоматски ќе го задржи корисникот најавен почнувајќи од февруари
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.