LG G3 треба да биде официјално претставен на настан кој што ќе се одржи идниот вторник, односно на 27 Мај. Како што веќе е нормално, уште пред неговото претставување беа протечени повеќе информации, меѓу кои и вчерашните слики на кои што можат да се видат поголемиот дел од карактеристиките од телефонот.
Денеска, на неколку дена од претставувањето, од LG претставија футрола направена за новиот модел, која што ќе биде подетално прикажана со претставувањето на G3 моделот. Футролата е наречена QuickCircle и како што кажува самото име, таа е наменета да завршувате одредени работи брзо, без потреба од отворање и отклучување на телефонот преку кружниот отвор на нејзината предна страна. Футролата е во сега популарниот стил на преклопување и оставање на мал отвор преку кој што може да се читаат одредени информации, како и да се извршуваат одредени функции.
Преку отворот на QuickCircle можете да го проверите часот, да направите повик, да испратите SMS пораки, да сликате, ја контролирате музиката, како и уште неколку додатни функции. Со футролата LG ќе издаде и SDK алатка, па програмерите ќе може да ги прилагодуваат своите апликации или да креираат целосно нови кои што ќе бидат наменети за користење преку кружниот отвор. Исто така оваа футрола доаѓа со поддршка за безжично полнење преку Qi стандардот, па може да се каже дека додава доста корисни работи над основната за заштита на уредот од оштетување.
Футролата ќе дојде со можност за избор од неколку различно бои, па така ќе може да изберете металик црна, свилена бела, сјајно златна, зелена и розова.
Извор: LG