Според нови, протечени информации, интернет гигантот Google планира проширување на понудата со нови чипови, кои ќе треба да се вградуваат во идните паметни телефони со Android, кои ќе имаат можност и за виртуелна и изменета реалност.
Информациите се особено интересни, бидејќи ако се остварат, Google ќе налути многу партнери на Android оперативниот систем. На пример, Qualcomm буквално живее од Android смартфоните. Згора на тоа, доколку Google планира свои чипови и тесна контрола на хардверот и софтверот, ја коси идејата за отворен еко систем каков што е Android, односно ваквиот пристап е ист како на Apple со своите процесори од A – серијата.
Сепак, Google веќе има своја, успешна линија на телефони (Nexus), кои со новиот чип би можеле да бидат уште подобро оптимизирани. Ова особено ќе биде корисно за додатоците за виртуелна и изменета реалност, како Google Cardboard, односно целосното искуство кое му се нуди на корисникот. Така, доколку Google ги прави и хардверот и софтверот, на целиот систем ќе може да му се исцедат максималните перформанси, кои се особено потребни во ваквите апликации.
Покрај тоа, процесорот на Google би можел да помогне и во намалување на фрагментацијата на Android уредите, односно многу малиот број на надградби на најновите верзии на оперативниот систем, проблем кој е пред се изразен поради разновидноста на чиповите кои се вградуваат во различните паметни телефони. Со чип на Google, овој проблем скоро и да нема да постои и би требало повеќето од Android смартфоните да бидат брзо надградени на најновите верзии.
Но, ова се само шпекулации и треба да почекаме да видиме како другите производители на чипови ќе изреагираат на ова и дали воопшто некој ќе се впушти во авантура да ги произведува чиповите за Google, кои како и Apple, секако немаат своја производствена лента.
Извор: Ars Technica, The Verge