BitTorrent Sync беше претставен пред една година, како алтернатива на сервисите кои што нудат простор за складирање во облакот, во време кога сепак тоа е и повеќе од потребно. Главната разлика помеѓу BitTorrent Sync и cloud сервисите е во основа немањето на сервери за складирање на фајловите, а тие директно се префрлуваат и синхронизираат помеѓу уредите на корисникот.
Оваа карактеристика на Sync е главната која што го прави сервисот популарен. Тоа е така поради тоа што на овој начин се добива многу поголема приватност на фајловите кои што не се поставуваат на сервери на трети компании кои што потоа имаат пристап до истите, а истото потоа може да важи и за владините агенции.
BitTorrent после одреден период на бета тестирање, оваа недела официјално ја пушти втората верзија од овој сервис. Оваа верзија донесува нов и освежен дизајн на достапните апликации кои што се достапни за повеќето платформи, односно Windows, Windows Phone, Android, OS X, iOS и Linux.
Со BitTorrent Sync 2.0 корисниците можат да ги синхронизираат фајловите во локалната мрежа без потреба од интернет конекција, синхронизација само на променетиот дел од фајловите наместо целиот фајл, побрза синхронизација, споделување на сигурни линкови со можност за нивно истекување и повеќе.
Она што е различно од втората верзија на сервисот е додавање на Pro верзија која што доаѓа со додатни функции, а чини 39,99 долари годишно по корисник кој што има пристап до сите свои уреди.
Корисниците на Pro верзија ги имаат следните функции: промена на пермисиите на фајловите и папките во било кое време, означување на корисници како сопственици на папките, можност за селективно синхронизирање за заштеда на просторот на уредите, неограничен број на папки кој што е ограничен на 10 во бесплатната верзија, како и поддршка за сите видови на проблеми.
Извор: BitTorrent