onedrive-devices

Една од најмногу бараните работи за OneDrive од корисниците беше тргање на лимитот од 2 GB за големината на фајловите за да можете да ги прикачите во облакот. Ова е лимит кој што конкуренцијата веќе одамна го има зголемено на многу повеќе, па сервисот на Microsoft на кој што дава големо значење во последно време, остана застарен.

Минатата недела можевме да прочитаме дека одредени корисници почнале да прикачуваат фајлови поголеми од 2 GB, нешто што испадна дека е тест од компанијата пред официјалното пуштање за сите корисници. Ова беше едно од прашањата кое што беше поставено на Omar Shahine на User Voice, на кое што тој одговори дека активно се работи на промена на лимитот и дека тој е едноставно останат од порано.

Од оваа недела, лимитот од 2 GB официјално е тргнат, а од компанијата преку својот блог известија дека лимитот е поставен на 10 GB. Тоа значи дека без разлика од каде го правите прикачувањето на фајловите, тие ќе можат да бидат со големина од максимум 10 GB.

Покрај зголемувањето на лимитот на фајловите, OneDrive добива уште неколку подобрувања и функции, кои што може да се каже дека го прават покорисен и поблизок до конкуренцијата. Зголемен е бројот на фајлови кои што можат да бидат симнати и прикачени во било кое време, со што се добива зголемување на брзината на синхронизација на фајловите. Според Microsoft, во тестирањата што ги имаат направено, брзината на синхронизација е зголемена за до три пати од досегашната, но тоа останува да го кажат активните корисници на сервисот. Оваа функција ќе биде пуштена на корисниците постепено во текот на наредните неколку недели.

Друга според нас мала, но навистина корисна функција која што е додадена во OneDrive е можноста за споделување на линк од фајл кој што сакате да го споделите, директно од File Explorer-от во Windows 7 и 8. Досега кога сакавте да споделите линк од одреден фајл бевте пренасочувани на веб страната од OneDrive, каде што можевте да изберете како ќе го споделите истиот. Оваа функција ќе биде прво достапна за корисниците на Windows 7 и 8, а нешто подоцна ќе биде пуштена и за Windows 8.1 и Mac.

sharelink5

Уште една нова можност е пуштена, во овој случај за веб страната на сервисот. Корисниците сега ќе можат да прикачуваат цели папки на OneDrive.com директно во прелистувачот преку drag and drop. Ова сепак ќе биде овозможено само за прелистувачите кои што ја поддржуваат функција, односно за Google Chrome.

OneDriveFolderUpload

Извор: OneDrive

Претходна статијаСамо дијагностицирањето на чекор од реалноста
Следна статијаСо Spritz можете да ги прочитате вашите омилени книги во двојно покус временски период
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.