Енкрипцијата значи нешто, и таа не е само за шпиони … Постојат луѓе кои би сакале да ги слушнете, но кои никогаш нема да можат да контактираат со вас без да бидат сигурни дека нивните пораки нема да може да бидат прочитани во транзит. – Едвард Сноуден

Ако нешто не научи скандалот кој го откри Едвард Сноуден, тоа е дека во информационата доба во која живееме, нашите комуникации можат да бидат следени во секој момент. Одредени ентитети недискриминирачки ги следат електронските комуникации на милиони луѓе. Содржината на телефонските разговори, емаил комуникација, разговори на чет апликации (Viber, WhatsApp…), и на профилите на социјалните мрежи е под постојан надзор. Оттаму, потребата за подобра заштита никогаш не била поголема.

Енкрипцијата станува нужна за новинарската фела

Од особена важност е начинот на којшто новинарите пренесуваат важни информации во печатот, и онлајн медиумите. Постои причина зошто Сноуден одбра да комуницира со Глен Гринвалд исклучиво со употреба на енкрипција, учејќи го како да применува различни методи на енкрипција на своите електронски комуникации. Новинарите се онаа контратежа на центрите на моќ, кои ги предизвикуваат овие вторите со својата храброст, и одважност да зборуваат за „незгодни“ прашања кои би можеле да ја разнишат таа моќ. Случајот со Глен Гринвалд е класичен пример кој служи за поткрепа на ова тврдење.

Откритијата на Сноуден, кои Гринвалд ги доближи до милиони луѓе низ целиот свет, предизвикаа светска дебата за важноста на приватноста и доведе до низа законодавни промени во областа на следењето на комуникациите. Без соодветна енкрипција, ова немаше да биде возможно. Енкрицпијата им помага на новинарите безбедно да ги пренесат сензитивните информации до крајната цел, односно до вистинските луѓе. Maria Xynou ја прави аналогијата помеѓу енкрипцијата и заштита на своите физички домови:

Сигурносни брави и алармни системи не секогаш може да спречат исклучително вешт крадец да влезе во домот, но ова се мерки на претпазливост што повеќето луѓе и така ги преземаат. Слично на тоа, енкрипција е бравата што ги штити дигиталните домови. Ниту еден новинар не сака трети лица тајно да имаат пристап до дигиталните фајлови или да се меша со неговата приказна, на истиот начин на кој никој не сака странец да има пристап до неговиот или нејзиниот дом без своето знаење или согласност.

Енкрипцијата е исто така круцијална за заштитата на новинарските извори. Доколку новинарите не можат да ги заштитат своите извори, тогаш ги ставаат нив, а и себеси на ризик. Дополнително, како што вели и Xynou, доколку се невнимателни, новинарите можат да ја нарушат и довербата која ја уживаат и кај самите извори:

Довербата е суштинска компонента на добро новинарство, од причина што на новинарите им се потребни извори кои ќе им веруваат со чувствителни податоци или материјал. Сепак, малку е веројатно дека изворите ќе им веруваат на новинарите да заштитат чувствителни податоци, ако тие новинари не можат да ги заштитат ниту своите информации.

Преку соодветно ниво на дигитална заштита, новинарите придонесуваат кон зајакнување на еден од столбовите на демократското општество – новинарството, како стожер на слободната и критичка мисла пред која се покоруваат и моќниците.

Претходна статијаSurface 3 е поевтина верзија на популарниот таблет/лаптоп на Microsoft
Следна статијаAcer лансираше „се во едно“ десктоп со Chrome OS и екран на допир