Фото: Duck.ai

DuckDuckGo објави нова функција за својата платформа Duck.ai која овозможува гласовен разговор со вештачката интелигенција. Функцијата е достапна бесплатно со дневни лимити за обични корисници, додека претплатниците имаат повисоки ограничувања.

Платформата duck.ai беше лансирана минатата година во март како приватен начин за комуникација со ВИ модели од компании како OpenAI, Meta, Anthropic и Mistral. Во текот на изминатата година сервисот доби неколку надградби, вклучувајќи можност за генерирање слики, а сега компанијата ја додава и опцијата за гласовен разговор.

Новата функција користи модели од OpenAI како провајдер за гласовните разговори, но компанијата објаснува дека звукот не се зачувува ниту од страна на DuckDuckGo ниту од OpenAI по завршувањето на разговорот. Според компанијата, OpenAI е ограничен со договор во тоа како може да ги користи податоците од гласовните разговори исклучиво за она што е неопходно за извршување на нивните услуги.

Кога корисникот ќе започне гласовен разговор, Duck.ai го поврзува со моделот на OpenAI преку шифрирана врска која DuckDuckGo не може да ја дешифрира. Аудиото од микрофонот се пренесува во реално време до OpenAI каде моделот слуша, „преведува“ што корисникот зборува и генерира одговор во гласовна и текстуална форма.

Разговорите остануваат анонимни и податоците не се користат за тренинг на моделите на вештачка интелигенција, што е во согласност со политиката за приватност на компанијата.

Од друга страна, DuckDuckGo објави анкета во која корисниците покажаа дека не сакаат ВИ да им се меша во пребарувањата, па од компанијата продолжуваат овие функции да ги овозможуваат посебно, односно корисниците можат да изберат да не ги користат ВИ функциите доколку не сакаат.