Microsoft беше една од првите компании која започна со пуштањето на производи со генеративна вештачка интелигенција и големи јазични модели, а тоа беше поради големата инвестиција во OpenAI.
Додека ChatGPT направи огромна промена на пазарот и го освои првото место, кое го држи до ден денес, а другите компании може да се каже дека се најдоа затекнати, Microsoft веднаш го претстави Bing Chat, односно подоцна брендот Copilot.
Од компанијата тогаш започнаа со еден процес на „наметнување“ на Copilot секаде каде што може, наместо истиот да го промовираат како посебна апликација која корисниците ќе решат да ја користат.
Работите одат дотаму што изминатиот период можевме да прочитаме дека Copilot доаѓа автоматски инсталиран на поновите LG телевизори, за што имаше доста критики и овозможување од страна на LG апликацијата да биде избришана.
Според информации кои ги објавија од The Information, Microsoft ги има намалено таргетите на продажниот сектор поврзани со Copilot, односно кратко кажано, дури ни тие веќе не очекуваат доволно добро прифаќање од страна на корисниците.
Информациите говорат дека намалувањето на продажните цели било до 50% во одредени ситуации, а по објавата на информацијата дојде и до пад на вредноста на акцијата на компанијата.
Од ова може да се заклучи нешто што соодветствува со реакциите на корисниците изминатиот период на повеќе нови функции кои стануваат дел од Windows 11 и апликациите од компанијата.
Корисниците во основа не го користат Copilot, а сигурен сум дека наметнувањето до страна на Microsoft има голем удел во тоа.
Во основа, ВИ алатките се доста популарни, но корисниците ги користат како апликации, односно сигурно не гледаат корист нивна интеграција во сите можни апликации кои ги користат,
Ова секако може да биде направено на корисен начин за корисниците, но тоа би подразбирало помало наметнување и форсирање на достапноста секаде.
Се очекува можен пад на пазарниот удел од Copilot на трето место, а второто место се очекува да го преземе Google Gemini кои добиваат доста добри оценки со најновата верзија од јазичниот модел.









































