Google во изминатите недели смени имиња на неколку функции во апликацијата Gemini. Најголемата промена е кај Gems, прилагодените верзии на Gemini со сопствени инструкции, кои ги заменуваат „skills“.
Skills беа претставени на 30 септември како зачувани инструкции за задачи што се повторуваат. За разлика од Gems, тие се користат директно во тековниот разговор, без менување „таб“ и се повикуваат со „/“ пред името (наскоро „@“). Gemini може и сам да ги примени кога ќе препознае дека се потребни, а може да се комбинираат и повеќе одеднаш. Засега се достапни само за личните сметки и за корисници постари од 18 години, но не бараат претплата.
Според страницата за помош, Gems за личните сметки се гасат во ноември, а Google автоматски ќе ги претвори во skills. Сметките на Workspace за бизнис ги губат во март 2027, а образовните во јуни 2027.
Сепак, skills засега не ги нудат сите можности на Gems. Не работат со Canvas, Deep Research, Guided Learning и создавањето видео и музика, за што Google не дава рок, а споделувањето и додавањето датотеки од Google Drive Google ги ветува „во наредните недели“. Ако тоа не стигне до ноември, дел од корисниците по преминот ќе останат без некои алатки.
Во исто време со Gems се гаси и Opal, експерименталната алатка за правење мини апликации, која според Google престанува да работи на 17 ноември. Работните текови од Opal не се префрлаат автоматски во skills.
Втората промена е кај Spark, агентот што Google го претстави во мај и кој во позадина извршува задачи во повеќе чекори. Сега се вика Task и се наоѓа во „прекинувачот“ Chat и Task до полето за пишување.
Google објаснува дека корисниците во бета верзијата постојано го спомнувале зборот „задачи“, па функцијата ја преименувале за да биде поразбирлива. Постоечките задачи и распореди остануваат.
Task бара возраст над 18 години, претплата AI Pro или Ultra, лична сметка и вклучени Keep Activity и Personal Intelligence, а засега не е достапен во Европскиот економски простор, Швајцарија, Велика Британија и Нигерија. Македонија не е на таа листа, па домашните претплатници на AI Pro би требало да можат да го користат.
Закажаните дејства, кои Gemini ги извршува во одредено време, Google ги наведува посебно од задачите во Task, а може да се управуваат од страницата Scheduled во страничното мени.
Вакви преименувања не се новост за Google, кој во јули и NotebookLM го преименува во Gemini Notebook.





































