Samsung на крајот од септември ја претстави серијата Galaxy Tab S12, која ја сочинуваат Galaxy Tab S12 Ultra и Galaxy Tab S12+. Јас изминатиот период го користев помалиот, односно Tab S12+ моделот во верзијата со 256GB, а она што можам веднаш да го кажам е дека станува збор за одличен уред, кој сепак не е за секого.
Да почнеме со позитивното. Во секојдневната употреба воопшто не наидов на застои или забавувања, апликациите се отвораат брзо, а префрлањето меѓу нив е беспрекорно. Таблетот работи со процесорот MediaTek Dimensity 9500, а според мерењата на Expert Reviews, во Geekbench 6 е приближно рамен на минатогодишниот iPad Air со M3 чип кога се користи едно јадро, додека кога се користат сите јадра iPad Air е 16% побрз.
Екранот е навистина супер. Боите се живописни, сликата е остра, а гледањето видеа и серии е вистинско задоволство. При HDR содржини таблетот има одлична осветленост, а како квалитетни се покажаа и четирите звучници, кои се гласни и јасни.

Батеријата од 10.600 mAh, исто така, е силна страна. При користењето, кога постојано се пушта видео, таблетот издржа 16 часа, односно нешто повеќе. При работа на него цел работен ден од осум часа, со повеќе отворени табови во прелистувачот, Slack и Viber, на крајот останаa околу 25 до 30% батерија, иако би требало да истакнам дека во тој ден немав многу гледање видеа.
Сепак, полнењето не е најбрзо. Со полнач од 45W, кој не доаѓа во кутијата и се купува посебно, за целосно полнење се потребни околу час и 35 минути.

Дополнително, One UI е одличен систем за таблет. Делењето на екранот на две или три апликации е практично и интуитивно, а тука е и DeX режимот кој нуди изглед сличен на компјутер. Samsung ветува и до седум надградби на оперативниот систем, па таблетот ќе може да се користи долго. Tab S12 се и првите Android таблети со однапред инсталиран Photoshop, кој засега е достапен само преку Galaxy Store.
S Pen пенкалото доаѓа во пакувањето, нешто што Apple не го нуди со iPad, а водењето белешки е природно. Препознавањето на ракописот е одлично, а магнетот цврсто го држи пенкалото на таблетот, а би забележал сепак дека е малку лесно за мојот вкус и делува како шуплива пластика.
Сепак, тоа што не ми се допаѓа е генерално големината. Ова е повеќе лично мислење, бидејќи јас сакам помали таблети и долго време користам iPad, но Tab S12+ не е уред што лесно ќе го држите во рака подолго време.

Поголем проблем за мене е форматот. Изгледа дека таблетот е замислен првенствено да се користи со тастатура, а тоа го сугерира и самиот Samsung, кој серијата ја претставува како центар за продуктивност. Поради ова, Tab S12+ не е баш целосно погоден за користење кога се лежи.
Ако се држи хоризонтално е многу широк, непотребно, а вертикално е многу, многу висок. Искрено, самиот формат ми беше доволен за да не се „вљубам“ во овој таблет, иако при дневното користење морам да признаам дека создадов доста голема навика на овој уред.

Тоа што посебно се истакнува, како и секогаш од Samsung, е одличниот екран, квалитетот на изработка, а секако и одличниот One UI софтвер кој е одлично прилагоден.
Како заклучок, Galaxy Tab S12+ е одличен таблет за оние што бараат замена за лаптоп и планираат да го користат на маса со тастатура. Ако, како мене, барате таблет за читање и гледање содржини во кревет, веројатно е подобро да размислите за помал модел.



































