Amazon MGM Studios вчера официјално објави дека Роберт Патинсон ќе го игра Џејмс Бонд во следниот филм за агентот 007, кој го режира Дени Вилнев. Ова е прв нов актер во улогата по повеќе од 20 години, откако Даниел Крег беше објавен како Бонд во октомври 2005 година.
Најавата прво стигна преку официјалниот профил на Џејмс Бонд на X, кој објави кратко видео со натписот „Identity Confirmed“, односно „идентитетот е потврден“. Половина минута подоцна следуваше фотографија со пораката „Robert Pattinson is James Bond“, а двете објави до утрово имаа над 41 и над 57 милиони прегледи, според бројачот на X.
Сценариото го пишува Стивен Најт, продуценти се Ејми Паскал и Дејвид Хејман, а извршна продуцентка е Тања Лапоант. Датумот на премиерата засега не е објавен.
„Џејмс Бонд е еден од најлегендарните ликови во филмот, а да ми се довери 007 е чест на животот“, изјави Патинсон. Вилнев се заблагодари на другите актери на аудицијата и додаде дека биле опкружени со извонреден талент, „но може да има само еден 007“.
Според The Hollywood Reporter, кон крајот на октомври заедно со Патинсон биле тестирани и Калум Тарнер, Џек Лоудн, Џош О’Конор и Николас Холт. Магазинот пишува дека изборот е спротивен на очекувањата дека улогата ќе ја добие помалку познат актер, а неговите извори велат дека Патинсон дознал дека е новиот Бонд дури во неделата наутро, лично од Вилнев.
40-годишниот актер моментално го снима The Batman Part II во Лондон, а следниот месец ќе се појави во Dune: Part Three на Вилнев, кој во светот почнува да се прикажува од 16 декември.
Ова е првиот филм за Бонд откако Amazon, кој во 2022 година официјално ја презеде MGM, во март 2025 година ја доби креативната контрола врз ликот преку заедничка компанија со долгогодишните продуценти Барбара Броколи и Мајкл Г. Вилсон.
Патинсон е седмиот актер во официјалната серија филмови за Бонд, по Шон Конери, Џорџ Лејзенби, Роџер Мур, Тимоти Далтон, Пирс Броснан и Даниел Крег.





































