По околу осум години тестирање на уредите на преклоп од Samsung, кои низ годините главно добиваа стандардни подобрувања, но не и драстични промени, оваа година ситуацијата е дефинитивно поразлична.
Samsung, а јас би додал конечно, се одлучи да претстави поинаков формат кај својата Galaxy Z Fold серија. Така, новиот Galaxy Z Fold8 доаѓа со поширок и забележително понизок надворешен екран кога е затворен, како и во одличен мини таблет формат кога е отворен.
За жал, не може да се избегне заклучокот дека Samsung се решава за ваков формат токму пред влезот на Apple на овој пазар, а според сите досегашни гласини, ова ќе биде форматот кој ќе се користи за првиот iPhone на преклоп.

Како и да е, сепак за овој модел може да се каже дека ги решава речиси сите проблеми и фрустрации на корисниците од претходните генерации, позиционирајќи се како одлична алтернатива, дури и во споредба со новиот, поголем модел кој сега го носи името Galaxy Z Fold8 Ultra.
Она што веднаш паѓа во очи при првиот контакт со Galaxy Z Fold8 е колку тој е тенок и лесен. Новиот, поширок формат создава чувство како во рацете да држите нешто навистина свежо и различно, добредојдена промена по 15 години користење на класичните смартфони.

Една од главните работи што сакав да ги испробам со овој нов формат беше софтверската тастатура и искуството излезе токму онакво какво што се надевав, односно значително подобро. Поголемата ширина овозможува посигурен фат на телефонот, па го добивате оној ефект на пишување како кај „Ultra“ моделите од S серијата, но без непотребната гломазност и со доволно простор за стабилно држење со двете раце.
Сепак, наидов на една маана на која не помислив претходно, а која е директен резултат на помалата висина на екранот. Имено, просторот којшто останува видлив кога е вклучена тастатурата е драстично помал, проблем кој не се решава целосно дури ни со намалување на нејзината висина во софтверските поставки.
Од друга страна, овој изменет формат донесува огромна предност кога уредот ќе се отвори. За разлика од претходните издолжени генерации, овој модел нуди вистинско таблет искуство во мини форма. Гледањето видеа, прегледувањето фотографии, па дури и гејмингот, сега се многу поприродни и визуелно попривлечни бидејќи не се добива впечаток на издолжен екран.

Новиот екран е совршен за мултитаскинг и Galaxy AI
Поширокиот внатрешен екран е како создаден за мултитаскинг. Делењето на екранот на две паралелни апликации сега конечно има вистинска смисла, бидејќи секоја од нив добива доволно простор за нормално функционирање. Секако, тука се и неизбежните Galaxy AI функции, кои на ваков екран се користат со невидена леснотија, од „Circle to Search“ на огромна површина, до напредните опции за сумирање белешки додека во другата половина од екранот читате статија.
Посебно би го истакнал користењето на апликациите како Kindle за читање книги, па мислам дека дефинитивно можам да заклучам дека овој уред е перфектниот за удобно читање.

Што се однесува до хардверот, линијата на средината на внатрешниот екран е дополнително „испеглана“ и станува речиси незабележлива при секојдневно користење, а самата шарка влева доверба со својата цврстина.
Исто така, иако деталната анализа на камерите ќе ја оставам за целосната рецензија, првичните впечатоци се дека поширокиот надворешен екран го прави секојдневното фотографирање многу поприродно, налик на класичен телефон.
Како заклучок од овие први неколку дена дружење, Galaxy Z Fold8 делува како уредот на преклоп на кој сите потајно се надевавме со години.
Останете со Smartportal.mk, целосната и детална рецензија следува наскоро.






































