По „појавата“ на ChatGPT пред скоро три години, Microsoft беа едни од првите кои целосно се внесоа во трендот на генеративна вештачка интелигенција. Тоа не е толку чудно кога ќе се земе во предвид дека од компанијата беа и останаа едни од најголемите инвеститори во OpenAI, на чии големи јазични модели функционира Copilot.
Сепак, денес не може да се каже дека ВИ делот од Microsoft функционира нешто многу подобро и од тој на Apple, компанија која доста задоцни и уште доцни со развојот и имплементацијата на овие функции.
Според објава од Newcomer, а врз основа на годишен состанок на директорите на Microsoft, популарноста на Copilot изминатите година дена останува скоро на истото ниво, односно нема некој посебен напредок.
Информациите говорат дека Microsoft Copilot има околу 20 милиони неделни активни корисници, бројка која не е многу променета од пред една година.
Од друга страна, за споредба, бројот на активни неделни корисници на ChatGPT изнесува околу 400 милиони, а оваа броја има голем раст изминатите година дена.
Кратко кажано, корисниците не се многу заинтересирани да го користат Copilot и покрај тоа што „четботот“ е направен на основа на јазичните модели од OpenAI, а корисниците дури добиваат бесплатен пристап до одредени функции за кои корисниците мораат да плаќаат претплата за ChatGPT.
Ваквата ситуација привлекува дополнително внимание е поради фактот што Microsoft минатата година посебно го унапреди и издвои развојот на генеративната вештачка интелигенција преку секторот наречен Microsoft AI.
Значењето на овој сектор се виде и преку назначувањето на главен извршен директор, односно CEO, нешто што обично од компанијата го правеа во ситуации кога имаат купено некоја компанија, а истата продолжува да функционира делумно независно.
Како директор на Microsoft AI беше назначен Мустафа Сулејман, кој е познат како ко-основач на познатата DeepMind компанија која стана дел од Google во 2014, а подоцна основа и уште една компанија наречена Inflection.
Од Newcomer најголемиот дел од нивната објава го насочуваат кон анализа на успешноста, односно неуспешноста на работата на Сулејман, како и угледот кој го има оваа личност од неговите претходни работни места, па се до проблемите во Microsoft.