OpenAI го претстави GPT-5.3 Instant, најновото ажурирање на својот основен модел за вештачка интелигенција. Оваа верзија е развиена како директен одговор на повратните информации од корисниците за претходниот модел, со примарна цел да се унапреди секојдневната интеракција преку подиректни и покорисни одговори.
Ажурирањето е веќе имплементирано во ChatGPT и во дел од платформите на Microsoft.
Клучната промена кај GPT-5.3 Instant е елиминирањето на прекумерно дефанзивниот тон и непотребните одбивања на барања. Компанијата потврди дека новиот модел генерира помалку морализирачки воведи и не прави неосновани претпоставки за намерите на корисникот. Со ова се овозможува непречен тек на разговорот, а корисниците добиваат конкретни податоци без непотребни предупредувања при поставување на вообичаени и безбедни прашања.
Подобрена е и способноста на моделот за работа со информации од интернет. GPT-5.3 Instant сега поефикасно ги синтетизира податоците добиени од онлајн извори со сопствената база на знаење, избегнувајќи генерирање на долги и непрегледни листи со надворешни линкови.
Според интерните анализи на OpenAI, халуцинациите се намалени за 26,8 проценти при пребарување информации во критични сектори како финансии, право и медицина, додека грешките при потпирање само на интерното знаење се намалени за 19,7 проценти.
Покрај пребарувањето, ажурирањето носи и подобрувања во стилистиката и концизноста при пишување текст.
GPT-5.3 Instant е тековно достапен за сите корисници на ChatGPT, додека програмерите можат да го интегрираат преку API интерфејсот под називот „gpt-5.3-chat-latest“.











































