Можноста за најавување на трети сервиси и апликации со Facebook сметката, наместо креирање на нова сметка кај тој сервис или апликација, постои веќе одамна. Корисниците со оваа можност ја скратуваат процедурата при најавување на некој нов сервис со притискање само на „Continue with Facebook“ копчето.
Ова сепак може да претставува потенцијална можност за нарушување на приватноста на корисниците на Facebook. При најавување со својата сметка, корисниците даваат пристап до нивните податоци, иако на секој сервис ги бара истите. За повеќето сервиси и апликации пристап до имејл адресата и името се доволни, но некои бараат и пристап до листата на пријатели, лајковите и слично, а како што видовме со случајот Cambridge Analytica овие информации може лесно да бидат злоупотребени.
Facebook ќе почне да ги известува своите корисници кога ќе се најават на некој сервис или апликација со нивната сметка. Известувањето ќе биде пуштено преку мобилната апликација, како и преку мејл.
Со тоа корисниците ќе имаат уште едно дополнително место каде ќе можат да видат дека се сложиле да ги споделат нивните информации со некој сервис, како и тоа кои се тие информации.

Доколку сакаат, корисниците ќе можат да ги променат информациите кои им ги имаат направено достапни на третите сервиси и апликации. Ова како можност е и сега достапна, но ретко кој корисник влегува во прилагодувањата на Facebook за да ги провери поврзаните сервиси и апликации, како и тоа кои податоци се има сложено да ги сподели.
Известувањата, истакнуваат од Facebook, ќе бидат испраќани кога корисникот за првпат ќе се најави на некоја сервиси или апликација, како и кога повторно ќе се најави по истекувањето на пристапот до информациите од страна на сервисот или апликацијата.