Сервиси како бесплатен email, онлајн анкети, системи за коментирање на веб страни и многу други, често се мета на напади од страна на автоматизирани компјутерски системи кои што имаат за цел, кратко кажано, спамирање на овие сервиси. За заштита од вакви, таканаречени ботови, веќе подолго време се користи систем наречен CAPTCHA (Completely Automated Public Turing test to tell Computers and Humans Apart), кој што сигурно повеќето од вас го имаат видено. Тоа се оние слики од букви кои што се изместени и извртени, па само човек може да ги прочита и внесе во потребното поле, со што докажува дека човек ја пополнува формата за регистрирање или најавување и со тоа спречува најавување од страна на компјутери.
Сепак како и било која друга заштита и овој систем се знаеше дека нема вечно да успева да ги заштити онлајн сервисите, па веќе постојат начини за нивно пробивање. Потребата од користење на некаква заштита при регистрирање на сервиси останува, па група на истражувачи од Carnegie Mellon Универзитетот имаат развиено нов систем кој го имаат наречено GOTCHA или Generating panOptic Turing Tests to Tell Computers and Humans Apart.
Овој систем функционира како еден вид на сложувалка која што само корисникот кој што ја креира знае како да ја состави. Поточно корисникот внесува лозинка за да добие случајно распределени дамки од мастило во разни бои кои што треба да ги опише со кратка фраза. Потоа зборовите од фразите се случајно распределени заедно со лозинката, па за да се најави на сервисот на корисникот му се прикажани дамките заедно со растурените фрази кои што корисникот треба да ги поврзе. Поради тоа што корисникот ги има напишани фразите, се очекува дека нема да му биде проблем да запомни која дамка со која фраза ја има опишано, нешто што компјутерски систем на е во можност да го направи дури и да дојде до фразите затоа што само тој што ги има опишано дамките знае за која од нив се однесуваат фразите.
Овој систем е нешто посложен и троши повеќе време од претходниот, па не се знае како би бил прифатен од корисниците доколку почне да се употребува на местото на претходниот.